Иако се бори со многу проблеми со повредени играчи и е во грчевита битка за топ-8 во шпанското првенство, Барселона најде сили вечерва да го совлада актуелниот европски шампион Панатинаикос и да му го нанесе првиот пораз по шест победи во низа.
Ако постои некој тим во Евролигата против кој ПАО не може, тоа е токму Барселона од која вечерва по 14. пат во низа загуби во Блауграна. Последниот триумф на грчкиот тим во Каталонија датира од 11 април 2013 година кога славеше со 66-65. Оттогаш редовно губи во Барселона, а и дома често знае да го положи оружјето против овој ривал.
Барса вечерва ја стегна одбраната, особено над најдобриот играч на Панатинаикос, Кендик Нан и триумфираше со 82-73. Нан беше во серија од седум натпревари со 25 или повеќе поени, а денеска застана на само 7, со шут од игра 1/7. Најзаслужен за тоа беше Кевин Пантер кој исто така не се истакна во нападот (7 поени), но се насочи на дефанзивата и го запре Нан што беше негова основна цел. Американецот во редовите на Панатинаикос остана на едноцифрен ефект првпат по 25 натпревари, односно од плејофот од минатата сезона кога против Макаби застана на 8 поени.
Што се однесува до мечот, клучна беше третата четвртина која Барселона ја доби со 29-12 и го сврте резултатот во своја корист откако на полувреме ПАО имаше 38-30. Во последниот период гостите не успеаја да се доближат на помалку од пет поени негатива, па не ја ни загрозија победата на Барса.
За „каталонците“ ова беше трет триумф во низа со што влегоа во групата од пет екипи со биланс 12/9, од шестата до десеттата позиција. В петок Барса го пречекува Анадолу Ефес, а Панатинаикос гостува кај Басконија.
РЕЗУЛТАТИ
Жалгирис – Виртус 77-68
Црвена Звезда – Фенербахче 91-96
Барселона – Панатинаикос 82-73
Баерн – Монако 95-94


