Вторпат оваа сезона во рамките на првенството, Панатинаикос го победи Олимпијакос и остана несовладан во грчкиот шампионат.
Како домаќин, актуелниот првак славеше со 78-72 со што не само што ја продолжи победничката серија, туку, со оглед на квалитетот на останатите екипи, си обезбеди предност на домашен терен во евентуалната финална серија против најголемиот ривал. Панатинаикос има две победи повеќе од Олимпијакос што значи дека се потребни три порази на „детелинките“ за да дојде до промена на врвот.
Иако Олимпијакос речиси постојано беше блиску, ПАО го диктираше темпото на натпреварот. Во последниот период, гостите дури и водеа со 62-61, но следуваше серија на Панатинаикос од 17-5 со која беше решено прашањето околу победникот.


