Светската кошаркарска организација (ФИБА) ги избра новите членови на Куќата на славните од Класата 2025 кои ќе бидат инаугурирани на 17 мај во Бахреин.
На списокот од девет имиња има осум поранешни кошаркари и еден тренер, а сите оставиле длабока трага во историјата на овој спорт. Единствениот тренер е поранешниот селектор на американската репрезентација Мајк Кшижевски под чие водство САД освоија две титули на олимписките игри и една на светските првенства.
Меѓу кошаркарите, најпознато име е Пау Гасол, за многумина најдобар и најуспешен шпански кошаркар на сите времиња. Освен двете титули во НБА лигата, со Лејкерс, Гасол ја предводеше до најголемите успеси во кошаркарската историја на оваа земја. Од Светското првенство во 2006 година до континенталниот шампионат во 2017, Гасол освои вкупно 11 медали на големите натпреварувања од кои четири злата, четири сребра и три бронзи.
Меѓу новите жители на Куќата на славните има и еден поранешен југословенски репрезентативец. Станува збор за Ратко Радовановиќ, еден од најдобрите центри во својата генерација и освојувач на вкупно девет медали на големите натпреварувања со националниот тим на Југославија. Освен тоа, со Кошаркарскиот клуб Босна беше освојувач на Купот на европските шампиони во 1979 година и трикратен првак на Југославија.
Останатите членови на Куќата на славните на ФИБА се: Алфонс Биле (Брегот на Слоновата Коска), Ендрју Богут (Австралија), Ленор Борел (Куба), Фади ел Хатиб (Либан), Тича Пеничеиро (Португалија) и Доун Стејли (САД).


