Репрезентацијата на Македонија кон крајот на февруари ги игра последните два меча од квалификациите за Европското првенство, а еден од ривалите е Полска која ја пречекуваме во Кале.
Селекторот на оваа репрезентација Игор Миличиќ објави поширок список од 32 имиња од кои ќе ги избере финалните 12 што ќе и се спротивстават на Македонија на 24 февруари во Скопје. Полјаците, сепак, се соочуваат со големи проблеми во составот и најверојатно во тимот нема да бидат Матеуш Понитка и Михал Соколовски кои се повредени и во моментов се под специјална програма.

Соколовски, кој е член на италијанскиот Сасари, не играл од ноември, а Понитка кој игра за турскиот Бахчешехир се повреди на почетокот од годинава. До натпреварот против Македонија има уште еден месец и постои веројатно да заздрават дотогаш, но прашање е дали Миличиќ ќе сака да ги оптовари со оглед на тоа што дуелите со Литванија и Македонија немаат никакво резулатско значење затоа што Полска како ко-домаќин на Европското првенство има загарантиран пласман.
Подготовките на полската репрезентација ќе почнат на 17 февруари во Катовице каде Полјаците, четири дена подоцна, ќе ја пречекаат Литванија.


