Првпат во историјата, Македонија има двајца стручњаци како први тренери во полската лига која е една од најизрамнетите и најинтересни во Европа.
Интересно е тоа што станува збор за селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски и неговиот прв помошник Никола Василев кои се на клупите на Шлонск, односно Арка Гдиња, поранешни шампиони на Полска. Двајцата се таму повеќе од еден месец и веќе имаа можност детално да се запознаат со квалитетите на екипите и лига во целина.
Василев дојде во ситуација кога Арка беше закована на последното место со само еден триумф и во серија порази, а со самото тоа и со ниска самодоверба кај играчите од кои мораше да се извади најдоброто за екипата да излезе од опасната зона. Василев успеа во тоа, на седумте меча како тренер оствари четири победи и Арка сега е 13-пласирана со ист биланс како десеттопласираниот Торун кој е на место кое води во плејинот. Она што најмногу го импресионира поранешниот селектор на младинската репрезентација на Македонија е израмнетоста на екипите во ова првенство.
„Навистина е непредвидлива и квалитетна полската лига бидејќи овде секој секого може да победи. Најдобар пример е можеби нашиот тим кој пред две недели го победи лидерот и дотогаш несовладан во првенството Анвил и тоа како гости за во следното коло да загубиме од, во тој момент последнопласираниот Торун на домашен терен. Истиот Торун кој пред две недели беше последен, сега е на место кое води во плејинот. Разликата од третиот до 13. изнесува само две победи и во секое коло се случуваат големи турбуленции на табелата.
Секако, за љубителите на кошарката тоа е одлично бидејќи се сведоци на големи возбудувања и ниеден тим не може предвреме да запише победа, без разлика со кого игра“, вели Василев.
На последниот натпревар кој се одигра вчера, Арка ја совлада Легиа од Варшава на гости со 88:71, екипа која може и го има најголемиот буџет во лигата и е претендент за самиот врв.
Овдешните кошаркарски фанови со нетрпение го чекаат почетокот на февруари кога на програмата е првата македонска пресметка. Шлонск на Јончевски ќе ја пречека Арка на Василев, а 20-тина дена подоцна двајцата стручњаци ќе се обидат да ја однесат македонската репрезентација на Европското првенство, во последните два меча од квалификациите.


