Извршниот директор на МЗТ Скопје, Филип Ѓоревски негира дека имало облог меѓу него и тренерот на ТФТ, Боро Смилковски како што беше изјавено на денешната прес-конференција пред завршницата од Купот на Македонија.
Смилковски рече дека „го посакува МЗТ Скопје во финалето бидејќи има нерасчистени сметки и приватен облог со директорот“ по што се огласи Ѓоревски.
„Од страв се измислуваат работи и се кажуваат невистини за некакви си меѓусебни облози, од кои не само што сме изненадени туку сме и шокирани. Јас не сум човек што се наоѓа во такви дејствија и навистина сум изненаден од потребата да бидам вмешан во една ваква приказна. На сето ова гледам како невкусна шега и провокација, кажани без да се размисли не само на мојата репутација, туку и на дигнитетот на функцијата што ја имам, со оглед што МЗТ е доминантен предводник на макбаскетот, кој треба да биде пример на секое поле. Нашите размислувања се само на теренот, од натпревар во натпревар, со цел сите да го дадеме својот максимум за да дојдеме до посакуваната цел, а тоа е 13-ти пехар во Купот за огромна радост на цел Аеродром“, објави тој преку гласилата на МЗТ Скопје.
Екипите од Аеродром и Тафталиџе се на различна страна од ждрепката и нивен дуел е можен само во финалето. ТФТ почнува против Гостувар, а МЗТ го очекува пресметка со „вечниот“ ривал Работнички.


