Олимпијакос испрати силна порака до конкуренцијата во Евролигата, совладувајќи го Реал Мадрид со убедливи 92-76 во дербито на 13. коло.
Грчкиот состав одигра речиси беспрекорен натпревар, во кое од самиот почеток го диктираше темпото и не му остави многу простор на шпанскиот гигант да се надева на позитивен резултат. Дуелот имаше посебна тежина за домаќините, кои сакаа да му се реваншираат на Реал за поразот во финалето на Суперкупот. Мотивот беше очигледен, а одговорот на теренот уште поубедлив.
По изедначениот почеток, Олимпијакос постепено ја презеде иницијативата, а во втората четвртина целосно го надигра противникот. Со серија одлични напади и цврста одбрана, домашните кошаркари направија огромна разлика, па на паузата заминаа со предност од 17 поени (50-33).
Ниту продолжението не донесе промена на сликата. Реал немаше решение за разиграниот противник, кој продолжи да ја зголемува предноста и пред последниот период веќе имаше комотни 73-52. Завршните десет минути беа само формалност, бидејќи мадриѓаните немаа сили за пресврт.
Доминацијата на Олимпијакос најдобро ја отсликуваат и 28. асистенции, како показател за одличната тимска игра. Предноста на грчкиот тим во еден момент достигна и максимални 26 поени.
Кај Реал најмногу се истакна Тео Маледон со 17 поени и седум асистенции. Чума Океке додаде 12 поени, додека Демијан Џонс натпреварот го заврши со 10 поени и 11 скока. Валтер Таварес, пак, имаше невообичаено скромен ефект, постигнувајќи само два поени.
РЕЗУЛТАТИ
Анадолу Ефес – Асвел 107-81
Олимпијакос – Реал 92-76
Барселона – Црвена Звезда 100-103
Партизан – Бешикташ 91-87


