Кошаркарите на Скопје ја прекинаа серијата порази и стигнаа до вториот триумф во Суперлигата.
Во првиот натпревар од осмото коло, домашниот состав славеше со 97-94 против Тиквеш, во дуел во кој победникот беше решен буквално во последните секунди.
Гостите подобро го започнаа натпреварот и по првите десет минути имаа минимална предност од 27-25. Скопје возврати во вториот период, па во еден момент успеа да се одлепи на девет поени разлика (49-40). Сепак, кавадарчани не дозволија противникот да замине на поголема пауза со комотна предност. Со серија од 7-0 во завршницата на полувремето, ја намалија разликата на само два поени (49-47).
Колин Паркер беше главниот двигател на Скопје во првиот дел со 16 поени. На спротивната страна, Тиквеш имаше одличен придонес од стартната петорка: Волф и Смит постигнаа по 11, додека Сукс и Глигоријевиќ имаа по 10 поени.
Вистинскиот напад на Скопје следуваше по паузата. Тиквеш накратко направи пресврт и поведе со 54-51, но домашните брзо возвратија. Со серија од 12-2, во која Марко Миловановиќ се истакна со шест поени, скопјани повторно ја презедоа контролата и поведоа со 63-56. Тимот на Александар Петровиќ продолжи да ја зголемува предноста, а третата четвртина ја заврши со дури 33 постигнати поени и водство од 82-71. Кога во последниот период Скопје стигна и до највисоките плус 13 (87-74), се чинеше дека домаќините ќе имаат мирна завршница.
Но, Тиквеш не се предаде. Кавадарчани започнаа нова потера, постепено ја топеа негативата и влегоа во неизвесна завршница. Делев донесе целосен пресврт на нешто повеќе од една минута до крајот, кога гостите поведоа со 94-93.
Сепак, последниот збор го имаа домаќините. Искусниот Младеновиќ погоди за ново водство од 95-94, а по загубената топка на Сукс, Паркер беше фаулиран и ги реализираше двете слободни фрлања за конечни 97-94.
Паркер беше најзаслужен за победата на Скопје со извонреден учинок од 24 поени, 12 скока и четири асистенции. Џонс додаде 21 поен, седум скока и пет асистенции, Џексон заврши со 13, а Миловановиќ со 11 поени. Кај Тиквеш се истакна Волф со 27 поени, додека Смит запиша 23 поени, шест асистенции и пет скока. Сукс оствари дабл-дабл со 19 поени и 11 скока, дополнети со пет асистенции, а Глигоријевиќ натпреварот го заврши со 15 поени и 10 скока.
Со оваа победа Скопје стигна до вториот триумф во осум одиграни натпревари, додека Тиквеш го запиша четвртиот сезонски пораз.


