Капитенот на Работнички, Виктор Ефремовски не доби суспензија за инцидентот од мечот против МЗТ Скопје, но доби една од најголемите парични казни во историјата на македонската кошарка.
Гостиварецот е казнет со 200.000 денари поради она што се случи по завршувањето на „вечното“ дерби во Аеродром, одиграно во понеделникот. На тој меч дојде до судир меѓу него и противничкиот кошаркар Тадија Тадиќ, а инцидентот бил пријавен од службените лица, кои поднеле дисциплинска пријава до канцеларијата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
По разгледувањето на случајот,, Федерацијата му изрече парична казна на Ефремовски во висина од 200.000 денари за удирање противнички играч. Во изјава за КОШ.МК по мечот, капитенот на Работнички рече дека Тадиќ го пцуел цел натпревар, а од преносот може да се забележи и дека Србинот одбива да се поздрави со противничкиот кошаркар.
Поголема парична казна во историјата на македонската кошарка добил само поранешниот директор на МЗТ Скопје, Тони Грнчаров кој во времето на Перо Антиќ беше казнет со 300.000 денари.
Покрај Ефремовски, казнети се и „вечните“ ривали Работнички и МЗТ Скопје поради однесувањето на навивачите. Шампионот ќе мора да плати 40.000 денари поради „фрлање тврди предмети на теренот и неспортско навивање“, а Работнички 10.000 денари поради „неспортско навивање“.


