Со синоќешниот пораз од Работнички во третиот меч од четвртфиналната серија во домашниот плејоф, официјално заврши сезоната за Феникс.
Иако не ги повтори ланските резултати, тимот од Гази Баба има по што да ја памти оваа натпреварувачка кампања, трета во елитната конкуренција. Во неа дебитираше на меѓународна сцена преку квалификациите за ФИБА Европа купот, а во домашното првенство, ќе останат запамтени победите против најдобрите екипи во основниот дел – Работнички и МЗТ Скопје.

Синоќешниот меч ќе остане во сеќавање и поради тоа што беше последен во кариерата на Бојан Трајковски. Поради повреда доживеана на претходниот дуел со Работнички, ветеранот беше во опрема, но не настапи, а без него, соиграчите не успеаја да се изборат за продолжување на серијата од четвртфиналето.
Трајковски оди во играчка пензија на 37-годишна возраст откако претходно оствари богата кариера која траеше повеќе од две децении. Почна во Балкан Стил во 2002, а потоа играше за голем број клубови во Македонија, од Работнички, Фени Индустри, Торус, Лирија, Куманово, до Карпош Соколи, МЗТ Скопје, Гостивар, Кожув, Пелистер и последните две години Феникс и секаде оставаше длабока трага. Има пет шампионски титули од кои три со Работнички и две со Фени Индустри и шест трофеи во Купот на Македонија, три со Работнички, еден со Фени Индустри и по еден со Карпош Соколи и МЗТ Скопје. Освен тоа, оствари и интернационална кариера, во Полска, Косово и Унгарија и притоа освои титула во Балканската лига. Играше и за македонската репрезентација со која настапи на Европското првенство во 2015 година, последно на кое учествуваше нашиот национален тим.


