Дебитантот во Првата македонска кошаркарска лига МКК Куманово ја оствари најголемата победа во својата кратка историја откако вечерва го победи 15-кратниот шампион на Македонија со 85-83.
Натпреварот во Куманово имаше неверојатен финиш бидејќи беше решен со истекот на времето со спектакуларен кош. Српскиот интернационалец Урош Луковиќ погоди „без коски“ од својот рекет и му донесе победа на МКК Куманово во мечот кој изгледаше загубен за неговиот тим. Работнички можеше да избегне такво сценарио бидејќи во последните секунди се наоѓаше пред победа. Прво Дубински го однесе тимот на +3 на 32 секунди пред крајот (80-77) по што двете екипи си разменија по две погодени слободни фрлања. Прв кој промаши беше Тадиќ за МКК Куманово при 80-82, но на спротивната страна со иста мерка врати Ефремовски. Во следниот напад Хот направи лична грешка при шут за тројка, ама Волер погоди само две од трите слободни фрлања. Работнички имаше уште еден напад, Ѓуроски беше фаулиран и доби два „пенала“ на три секунди пред крајот. Двете ги утна, а потоа Луковиќ ја фати топката, направи едно дриблинг на страна и погоди од цел терен.
За жал, во тие моменти снема стрим, па неговиот спектакуларен погодок не можеше да се види или да се сними. Стручниот штаб на Работнички постојано се жалеше дека во финишот од записничката маса не го пуштаат времето кога треба и дека на тој начин се „украдени“ неколку секунди кои на крајот беа од големо значење за победникот.
Радукиќ беше најдобар играч на МКК Куманово со 31 поен, но Луковиќ оствари дабл дабл со 20 поени и 10 скока. Дубински со 18 поени ги предводеше Работнички кој испушти можност да му избега на МЗТ Скопје на една победа, по девет одиграни кола.


