Сите шест натпревари од десеттото коло на Првата македонска кошаркарска лига се играат во Скопје, а дури четири од нив денеска во СРЦ Кале.
Од 14 до околу 22 часот, овој спортски објект ќе биде центарот на македонската кошарка. Во 14 часот, во двете сали има по еден меч, во малата се среќаваат Вардар и Пелистер, а во големата играат Шкупи и Кожув. Од 17 часот ТФТ го пречекува Тиквеш, а денот го завршуваат Работнички и Гостивар.

Единствениот натпревар што денеска не се игра во Кале е оној меѓу МЗТ Скопје и Феникс од 17 часот, а дербито на хартија е утре во Чаир каде домашниот тим ќе го пречека дебитантот во лигата МКК Куманово.
Чаирчани се беспрекорни на домашен терен оваа сезона, го совладаа и шампионот МЗТ Скопје, но кумановскиот тим покажа дека има квалитет да им парира на фаворитите откако минатата недела го победи Работнички, а претходно беше рамноправен со МЗТ Скопје во „Јане Сандански“. Освен тоа, МКК Куманово се наоѓа во серија од три победи и славеше на четири од последните пет натпревари во првенството што е најдобар доказ за подемот на формата на овој тим. Ова ќе биде и прв меч на Марин Докузовски против Чаир во неговата кариера која трае повеќе од три децении.


