Иницијативниот одбор за промени во Кошаркарската федерација на Македонија долго време работеше на добивање на поддршката на клубовите и делегатите, а по денешното Собрание, стана јасно кој е човекот кој треба да го смени Перо Антиќ на претседателската функција.
Станува збор за Младен Ѓуроски, поранешен младински и сениорски репрезентативец на Македонија. Во својата играчка кариера, која ја почна во 90. години од минатиот век во Гостивар, настапуваше за Работнички и МЗТ Скопје, како и за поранешните европски шампиони Цибона и Сплит и уште неколку клубови од регионот. Меѓу другото, тој е и брат на играчот на Работнички и актуелен македонски репрезентативец, Стојан Ѓуроски.

Последните 15-тина години, откако заврши со активно играње кошарка, Ѓуроски е успешен бизнисмен и најавува дека своите менаџерски квалитети ќе ги пренесе и во Кошаркарската федерација. Во неговиот тим има неколку славни кошаркарски имиња кои треба да придонесат за развој на македонската кошарка.


