По денешната акција, соработката меѓу Кошаркарскиот центар Пелистер и Ресурсниот центар „Кочо Рацин“ уште повеќе ќе се продлабочи, па така управата на вицешампионот одлучи утрешниот дуел со Тиквеш да биде од хуманитарен карактер.
Поради тоа, нема да важат сезонските билети за последниот меч од 2024, сите оние кои сакаат да го бодрат Пелистер ќе купат влезници за салата „Боро Чурлевски“, а собраните пари ќе бидат уплатени на сметката на Ресурсниот центар „Кочо Рацин“.
„Емотивна средба со дечињата, ова е она што најмалку можеме да го направиме, поголемо богатство е самото дружење со нив и да видиме дека денешницата ни носи, за жал, и вакви судбини на кои сите ние колку што имаме можност и на било кој начин треба да им подадеме човечка рака“, рече Марјан Илиевски, член на управата на Пелистер.
Натпреварот меѓу Пелистер и Тиквеш се игра утре од 18:30 часот, а покрај хуманитарниот карактер, е од голема резултатска важност за двете екипи. Пелистер го брка лидерот ТФТ и со евентуален триумф против Тиквеш и пораз на скопскиот тим од МКК Куманово, ќе застане на челната позиција на табелата. Тоа значи дека навивачите ќе имаат двоен мотив да дојдат во „Боро Чурлевски“ и да им дадат поддршка на своите кошаркари.


