Денеска и утре на програмата е 12. коло од Првата македонска кошаркарска лига, прво од втората половина од првенството, а последно за 2024 година.
Дербито се игра вечерва од 18 часот во Куманово каде МКК ќе го пречека актуелниот лидер на табелата ТФТ. За тимот од Тафталиџе тоа е уште еден тежок тест откако во текот на викендот гостуваше кај вицешампионот Пелистер и го доживеа вториот пораз во сезоната, прв на гостински терен.
МКК Куманово ја има најдолгата победничка серија во лигата во моментов која изнесува пет триумфи како резултат на што се искачи на делба на четвртата позиција на табелата. Освен тоа, кумановската екипа е една од трите со максимален ефект на домашен терен оваа сезона, покрај Кожув и МЗТ Скопје. Евентуален пораз на ТФТ денеска ќе им даде шанса на МЗТ Скопје и Пелистер да се израмнат на табелата, а во таков случај, составот од Тафталиџе ќе ја загуби челната позиција.
Од останатите натпревари, интересно се очекува да биде и во Гевгелија каде Кожув, кој исто така е несовладан на домашен терен го пречекува Чаир, тим кој се наоѓа во серија од три порази.
ДВОЈКИ ЗА 12. КОЛО
ДЕНЕСКА
Феникс – Работнички 16:00
Кожув – Чаир – 17:00
МКК Куманово – ТФТ 18:00
МЗТ Скопје – Шкупи 18:00
Пелистер – Тиквеш 18:30
УТРЕ
Гостивар – Вардар 18:00


