Поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув ја оствари четвртата победа во низа и дојде до четвртото место на табелата со само еден бод помалку од водечкото трио на табелата.
Вечервва гевгеличани беа подобри од Чаир со 86-63 и му го нанесоа четвртиот пораз по ред, па тимот кој беше лидер пред околу еден месец, сега е на седмата позиција. Со исклучок на првата четвртина, натпреварот помина во доминација на Кожув кој потврди дека е подготвен за високи дострели оваа сезона.
Клучен беше вториот квартал кој домаќините го добија со 28-12 и на големо одмор заминаа со 43-30. До крајот на мечот, Чаир не само што не успеа да ја загрози победата на Кожув, туку и не ја симна негативата на едноцифрена вредност, па гевгеличани во голема еуфорија го прославија новиот голем триумф.
Повторно Пилепиќ беше прво име во тимот на Кожув, постигна 24 поени, Вилсон додаде 17, а Главчев 15. Мофит со 27 поени беше убедливо најдобар поединец кај Чаир.


