Актуелниот шампион МЗТ Скопје го искористи релативно лесниот распоред за да ја достигне негативата во однос на ривалите и од денеска е израмнет со Пелистер и ТФТ на чело на прволигашката табела.
Денеска го совлада Шкупи со 90-54 во меч во кој одигра одлична одбрана и во две од четирите четвртини прими едноцифрен број поени. Можеби разликата ќе беше уште повисока ако тренерот Васко Атанасов во финишот не им дадеше шанса на помладите во тимот, па Шкупи го искористи тоа за да стопи дел од негативата.
Уште од стартот беше јасно дека натпреварот ќе биде еднонасочна улица, за кратко време МЗТ поведе со 10-2, на крајот од првата четвртина водеше со 21-9, а откако Шкупи се закани и дојде на само -4, следуваше нов притисок и предност од 15 разлика на голем одмор (39-24). Завршиот удар на Шкупи му беше нанесен во третиот период кој му припадна на МЗТ Скопје со 29-9, а највисоката предност на шампионот изнесуваше 43 разлика (86-43), во последната четвртина.
Маслинко со 16 поени беше најдобар кај МЗТ Скопје, а се истакна и Марко Миловановиќ кој постигна 14 поени што е четири пати над неговиот просек оваа сезона. Вилијамс и Трајбл го предводеа Шкупи со по 15 поени.


