Вицешампионот Пелистер има многу причини за задоволство од начинот на кој ја завршува сезоната бидејќи по денешниот триумф се најде на делба на првата позиција на табелата.
За четвртиот триумф во низа беше совладан Тиквеш со 95-88 во меч во кој битолчани ја имаа контролата над резултатот во текот на сите 40 минути. За доминацијата на домашниот тим најдобро зборува податокот што во финишот од третата четвртина предноста на Пелистер изнесуваше 23 разлика (72-49).
Во натамошниот дел од мечот дојде до опуштање кај „зелено-белите“, па Тиквеш го искористи тоа за да се доближи на само шест разлика во последната минута, но време за целосен пресврт немаше.
Мишковиќ со 18 поени и 10 скока беше прво име во редовите на Пелистер, а се истакнаа и Бојиќ со 16 и Стајиќ со 13 поени. Хил го предводеше Тиквеш со 30 поени.


