Годината што поминува не донесе многу добри работи за македонската кошарка, но и во неа можеше да се најде нешто по што би можеле да бидеме горди.
На тимски или репрезентативен план, годината ја одбележа јуниорската (У18) селекција на Македонија која триумфираше на Б-Европското првенство во Скопје и освен што обезбеди пласман во елитната конкуренција, на земјава ѝ го донесе првото злато на континенталните натпреварувања, без разлика за кое ниво се работи. Играта и доминацијата на македонските јуниори ја вратија вербата во домашната кошарка, а на површина извадија некои нови момци кои во блиска иднина би требало да бидат носители на играта во сениорската репрезентација.

Од индивидуален аспект, 2024 година помина во знакот на Ненад Димитријевиќ кој на фантастичен начин го заврши својот престој во Уникс, а потоа и се избори за деби во Евролигата. Тој беше избран за МВП на сезоната во ВТБ лигата како прв македонски кошаркар кому му успеало во тоа и ја продолжи низата успеси во тоа натпреварување што ја почна Емил Рајковиќ кој два пати беше прогласен за тренер на сезоната.
По заминувањето од Уникс, Димитријевиќ се пресели во Олимпија Милано со кој првпат во својата кариера заигра во Евролигата и таму остави фантастичен впечаток.
За македонската јавност е најважно тоа што Димитријевиќ се врати во репрезентацијата и почна да игра во континуитет. Настапи на три од четирите натпревари во квалификациите за Европското првенство, а пропуштениот меч не беше по негова вина, туку затоа што дуелот против Литванија на домашен терен се совпадна со меч од Евролигата. По четири кола во квалификациите, Димитријевиќ е убедливо најдобар стрелец со 100 постигнати поени, одигра историски натпревар против Литванија во Клаипеда на кој реализира 43, а Македонија се уште има теоретски шанси за пласман на Европското првенство иако не зависи се од нас.
Уште еден македонски репрезентативец заслужува да се спомне во овој контекст – Ти Џеј Шортс кој блеска во Евролигата во дресот на Париз и е кандидат за МВП признанието во елитното натпреварување, но тој во 2024 година не одигра ниеден меч за националниот тим и прашање е, поради системот на натпреварување и војната меѓу ФИБА и Евролига, дали воопшто повторно ќе биде на располагање на репрезентацијата.


