Иако оваа сезона има многу проблеми во играчкиот кадар, Реал Мадрид веќе прави планови и го крои ростерот за идната натпреварувачка кампања.
Прво засилување за „кралскиот клуб“ е францускиот репрезентативец Тео Маледон за кого шпанските медиуми објавија дека веќе потпишал договор со Реал. Информацијата ја потврдуваат и други евролигашки клубови кои покажале интерес за поранешниот НБА кошаркар.
Наводно, Реал се обидувал да го донесе Маледон во своите редови и на почетокот од оваа сезона кога повредени беа Муса и Фелис, но Асвел тогаш не го пуштил својот играч. Интересот останал и менаџментот на шпанскиот гигант успеал да го договори Маледон за идната сезона со тоа што ќе биде потпишан повеќегодишен договор со клаузула за можност за евентуално заминување во НБА.
Маледон има 23 години, четири сезони помина во НБА лигата каде настапуваше за Оклахома, Шарлот и Феникс и одигра 177 натпревари, но минатото лето одлучи да се врати во матичниот Асвел. Тоа се покажа како полн погодок бидејќи сезонава игра фантастично, најдобар е во Евролигата со индекс 23,5, а пред неколку дена беше прогласен за играч на месецот декември.


