Како што најави КОШ.МК пред крајот на 2024 година, Теодор Симиќ го напушти ТФТ, но останува во македонското кошаркарско првенство.
Негов нов клуб е поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув каде што ќе настапува до крајот на оваа сезона. Младиот центар денеска се појави на првиот тренинг на гевгеличани во новата година и ги почна подготовките за вториот дел од сезоната во која Кожув е со големи амбиции. Ако нема изненадувања, Симиќ ќе дебитира за својот нов клуб на гостувањето кај Вардар во вториот викенд од јануари.
Кожув ја заврши „есенската“ полуетапа како четвртопласиран на табелата во Првата македонска кошаркарска лига, со само една победа помалку од водечкото трио МЗТ Скопје-Пелистер-ТФТ. Симиќ би требало да биде големо засилување за тимот кој ќе се обиде не само да се пласира во плејофот, туку и да дотурка далеку, а притоа да се вмеша во борбата и за трофејот во Купот на Македонија.


