На неполна недела пред продолжението на сезоната во Првата македонска кошаркарска лига, неочекувано дојде до потрес во ко-лидерот на табелата ТФТ.
Генерално мирните празници во македонската кошарка ги „наруши“ поранешниот освојувач на Купот на Македонија кој прво ја прекина соработката со Теодор Симиќ, а сега е пред потпис со репрезентативец на Камерун. Станува збор за Таменанг Чо, играч кој ги покрива бековските позиции и кој, како што неофицијално дознава КОШ.МК, е во завршна фаза од преговорите со клубот од Тафталиџе.
Чо е без клуб од крајот на минатата сезона која ја заврши во францускиот Антиб, а во 2022/23 играше за ЦСКА Софија и имаше највисок просечен индекс во бугарското првенство – 27,3. На репрезентативно ниво, Чо играше за Камерун во квалификациите за Олимписките игри каде оваа селекција се натпреваруваше со Летонија, Бразил и Црна Гора, а учествуваше и во квалификациите за Афробаскет.
Чо во ТФТ ќе го пополни местото на Џејлен Гафни кој во првиот дел од сезоната настапи на сите 12 натпревари со просечен ефект од 8,5 поени, 2,4 скока и 2,4 асистенции и индекс 8,6.


