Јуниорскиот репрезентативец на Македонија, Стефан Стојковиќ претходната недела беше гостин на Мега, кошаркарскиот клуб од Србија кој важи за фабрика на таленти.
Гостувањето е реализирано на покана на Мега со што е продлабочено пријателството и соработка меѓу овој клуб и КК Феникс, чиј член е Стојковиќ. Младиот кошаркар во неколкуте дена во Белград имаше можност да се запознае со условите за работа, како и со атмосферата која владее во клубот кој е најголем извозник на кошаркари во НБА од Европа.

Стојковиќ беше член на јуниорската репрезентација на Македонија која летоска го освои златниот медал на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Скопје и обезбеди пласман во елитната дивизија. На тој шампионат, 18-годишниот крилен играч имаше голем придонес за успехот на македонската селекција, просечно постигнувајќи по 13,3 поени и 4,1 скок по натпревар. Со 198 сантиметри и фантастичен одраз, Стојковиќ ги има сите услови за успешна кариера, а со интересот од клубови како Мега може дополнително да напредува. За крајот на сезоната, најверојатно во јуни, е планирано уште едно негово гостување во Мега.
Кошаркарскиот клуб Феникс функционира слично како Мега, но во локални рамки бидејќи со години важи за еден од најголемите производители на млади играчи во земјава. Кошаркари кои ја поминале школата на Феникс има речиси во секој клуб, а освен тоа што во секоја младинска репрезентација играат по неколкумина од овој колектив, веќе има и стандардни сениорски репрезентативци кои излегоа оттаму, како Марин Петков, Амар Хот, Андреј Андоноски, Андреј Митревски итн.


