По нешто повеќе од две недели, денеска официјално продолжува вториот дел од македонското кошаркарско првенство во кое ќе се одиграат преостанатите 10 кола, плус плејофот, односно плејаутот.
Уште на стартот има големо дерби во „Јане Сандански“ во кое се среќаваат финалистите во плејофот од претходните три сезони – МЗТ Скопје и Пелистер. Натпреварот се игра утре, а тоа ќе биде трета пресметка на овие две екипи сезонава откако претходно играа по еднаш во Суперкупот и првенството. Резултатот е 1-1, а интересно е тоа што во утрешниот дуел влегуваат и со израмнет вкупен биланс бидејќи МЗТ Скопје и Пелистер, заедно со ТФТ, се на делба на челната позиција на табелата по 12 одиграни кола.

Двете екипи се во долги победнички серии, МЗТ славеше на последните четири, а Пелистер на последните три натпревари во шампионатот, а со оглед на тоа што неславно го завршија својот настап во АБА 2, во вториот дел од сезоната можат да се насочат на домашните натпреварувања. Ни МЗТ Скопје, ни Пелистер не направи измени во составот во овие 20-тина дена што значи дека се со истите сили со кои ја завршија 2024 година.
Вториот дел од првенството официјално го отвораат екипите на ТФТ и Гостивар кои се среќаваат денеска од 17 часот во Кале.
Последните денови се крена бура во домашната јавност поради условите кои треба да ги имаат кошаркарите за настап, имајќи предвид дека се работи за зимски период во кој температурите се мошне ниски, а таква е атмосферата и во салите. Дали ќе се преземе нешто по ова прашање, ќе се знае веќе денеска, на првите два меча во Кале и во Чаир.


