Убедливиот триумф над Шкупи во 13. коло од Првата лига, му овозможи на тренерот на Работнички, Горан Самарџиев да им даде шанса на помладите кошаркари во финишот од натпреварот.
На теренот се најде и 15-годишниот Стефан Илиев кој е еден од најмладите дебитанти во историјата на најтрофејниот клуб во земјава. Тинејџерот доби дури 11 минути на своето деби и за тоа време постигна пет поени, но импресионира неговата самодоверба и слобода во играта затоа што за тие 11 минути упати шест шута од кои три за три и три за два поена. Оствари и два скока, една асистенција и две загубени топки.

За Илиев ова е награда за одличната 2024 година во која беше лидер на кадетскиот тим на Работнички и прогласен за МВП на турнирот од Европската младинска лига (EYBL) каде имаше вкупен индекс 123. Во 2023 година, под водство на тренерот Нермин Пепиќ, беше најдобар играч во пионерската лига и го водеше Работнички до титулата во оваа конкуренција. Покрај сето ова, тој е и стандарден член на македонските селекции и се очекува да биде дел од У16 репрезентацијата која претстојното лето ќе игра на Европското првенство Б-дивизија.

Со тоа Работнички продолжува со форсирање играчи од својата школа. Во моментов, еден од најстандардните во тимот е 19-годишниот Андреј Шошкиќ, а капитен е Виктор Ефремовски, двајцата „производ“ на школата на клубот од Градски парк.


