Скопските ривали МЗТ Скопје и ТФТ останаа осамени на врвот на табелата во Првата македонска кошаркарска лига по 13. коло, прво од „пролетниот“ дел.

До овој викенд, друштво им правеше Пелистер, но вицешампионот доживеа убедлив пораз на гости во Аеродром и падна дури на четвртата позиција поради послабата кош-разлика во однос на Кожув. МЗТ Скопје е тим што е во најдобра форма во моментов и покрај тоа што настапува со само двајца странски кошаркари, а во вториот дел од првенството има и поволен распоред бидејќи ги пречекува Работнички и ТФТ, а оди во Куманово и Гевгелија.

Сепак, тоа не мора ништо да значи бидејќи разликата меѓу првиот и седмиот на табелата по 13 кола изнесува само два бода и до крајот на основниот дел се можни многу претумбации. Истото важи и во борбата за осмата позиција бидејќи на две победи разлика се четири екипи од кои само една ќе обезбеди пласман во плејофот, а останатите ќе се борат за опстанок.


