Откако минатата недела најави, Кошаркарската федерација на Македонија одржа вонредна контрола на салите во кои се играат натпреварите од Првата лига.
Притоа е утврдено дека три од нив не ги исполнуваат условите за одигрување натпревари од елитната дивизија и тоа „Младост“ во Гостивар, „Перо Наков“ во Куманово и малата сала во СРЦ Кале, која е во сопственост на Кошаркарскиот клуб Вардар. Додека во салите во Гостивар и Куманово се работи за светлосните сигнали, проблем кој реално може брзо да се реши, во најголема неволја се екипите кои играат во Кале – Вардар и Работнички.
Комисијата од Кошаркарската федерација утврдила дека просторот околу теренот е помал за 50 сантиметри од пропишаните 2 метра во делот на записничката маса поради што во оваа сала не може да се играат прволигашки натпревари. Нејасно е како токму сега салата на КК Вардар стана неподобна за играње натпревари од Првата лига, ако се знае дека ваква е состојбата во неа откако „црвено-црните“ се вратија во елитата, а тогаш важеа истите правила и норми. Претходните две сезони, салата ги помина сите инспекции и беше рангирана од Категорија 1, без никој од Федерацијата да спомне дека постои проблем иако контрола се врши пред почетокот на секоја натпреварувачка кампања. Сред сезона се прави ново рангирање само ако е нарушена претходната состојба или ако светлината и топлината не се на задоволувачко ниво, што беше основата на барањето на КК Пелистер за минимум услови во кошаркарските сали.
Кошаркарскиот клуб Вардар реално нема шанси до следниот натпревар како домаќин да изврши промена на теренот и да го задоволи она што го бара Федерацијата. Во зимски услови не се прави промена на местоположбата на теренот и ако нешто не се смени во следниот период, вардарци како домаќини ќе играат во друга сала. Истото важи и за Работнички кој ќе мора да бара нов дом, по само еден натпревар одигран во малата сала во Кале. Претходно центарци беа избркани и од големата сала на Кале која е во сопственост на Кошаркарската федерација, па во следниот период ќе треба да одлучат каде ќе ги пречекаат своите ривали до крајот на сезоната.


