Екипата на ТФТ остана на делба на првата позиција на табелата откако вечерва славеше на гостувањето кај Кожув со 76-75.
За гевгеличани ова е прв пораз на домашен терен сезонава, а со тоа ја прекина серијата од пет победи во првенството. Натпреварот имаше чуден тек, многу осцилации на двете страни, па и прекин бидејќи екипата на ТФТ го напушти теренот поради незадоволство од работата на судиската тројка.
Кожув подобро го почна натпреварот и пред истекот на првата четвртина водеше со 23-11. Кон средината на вториот период, ТФТ направи серија од 12-0 и ја презеде контролата над резултатот, поведувајќи со 30-27, а во финишот од полувреме да отиде и на 38-32.
Кожув во третиот квартал врати со иста мерка, со серија од 12-0 и поведе со 48-42, а на три минути пред крајот беше 53-46 кога ТФТ тренерот Боро Смилковски одлучи да ја повлече екипата од теренот. По десетина минути тимот се врати, но очигледно шок-терапијата беше успешна бидејќи до крајот на четвртината гостите успеаја да израмнат (58-58), а потоа и да поведе со 65-59. На две минути пред крајот беше 72-62 за ТФТ, но ни тука не беше крајот. Кожув се врати во игра, намали на еден поен негатива на три секунди пред истекот на времето (73-74). Гринли потоа беше два пати прецизен од линијата за слободни фрлања, судиите потоа досудија две технички грешки за ТФТ по што Вилсон ги реализира двете слободни фрлања, но до нов пресврт не дојде.
Николов и Говенс со по 14 поени го предводеа ТФТ, додека Вилсон со 27 поени беше најефикасен кај Кожув и воопшто на теренот.


