Поранешниот македонски репрезентативец и член на славната генерација од 2011 година, Ивица Димчевски е нов член на амбициозниот проект Маџари.
Денеска тој потпиша договор со второлигашот чија главна цел е пласман во елитната конкуренција, за првпат во својата историја. Димчевски се обврза на верност кон клубот до крајот на сезоната со тоа што при евентуален пласман во Првата лига, договорот автоматски се продолжува на уште една година. Во Маџари, тој се сели од локалниот ривал Феникс каде настапуваше претходните две години, а соработката ја прекина пред крајот на 2024.
Маџари по првата полуетапа од сезоната во Втората лига се наоѓа на третата позиција, со бод заостанување од водечкиот двоец Ангели-Соколи, а првенството во оваа конкуренција, по пауза од еден месец, продолжува претстојниот викенд.


