На безмалку еден месец пред завршните натпревари од квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи оваа година, познато е каде македонската репрезентација ќе ги одигра дуелите со Естонија и Полска.
Естонците одлучија да ја пречекаат Македонија во својот најрепрезентативен објект, Унибет арената во Талин каде оваа репрезентација се сретна и со Литванија и Полска во првите два меча како домаќин во циклусот. Арената има капацитет од 7.200 места за кошаркарски натпревари, а со оглед на важноста на дуелот, може да се очекува трибините да бидат максимално исполнети.
На Македонија на овој меч и е потребна победа од најмалку шест поени разлика, но треба да се погодат и резултатите од последното коло за да се пласира на Европското првенство. Дуелот против Естонија се игра на 21 февруари, а три дена подоцна во Скопје гостува Полска. Проблем е тоа што Естонците во последното коло и гостуваат на Литванија, а таа репрезентација веќе го обезбеди пласманот на Еуробаскетот.
Што се однесува до дуелот со Полска, тој ќе се игра во домот на македонската кошарка, салата СРЦ Кале во Скопје.


