Воведниот меч од 15. коло на Првата македонска кошаркарска лига донесе и големо изненадување.
Екипата на Феникс, која е во долниот дел од табелата и се бори за опстанок во елитата, успеа како гостин да го совлада ко-лидерот ТФТ со 75-73 што е четврти триумф за тимот од Гази Баба во последните пет натпревари. Од друга страна, ТФТ го доживеа третиот пораз и во случај на победа на МЗТ Скопје против МКК Куманово ќе го загуби чекорот со актуелниот шампион со кого сега ја дели првата позиција.
Интересно е тоа што вечерва ТФТ испушти предност од 12 поени разлика кои го достигна кон средината на втората четвртина. Феникс не се откажа во ниеден момент, а до победата дојде поради подоброто второ полувреме кое го дови со 38-29. Кошот за триумф го постигна Адетукаси на 22 секунди пред крајот, ТФТ имаше речиси цел напад за да организира акција за израмнување за победа, Зафиров се обиде за тројка, но беше непрецизен.
Адетукаси со 18 поени беше најефикасен кај Феникс, Митревски додаде 17, а Марфи 15. Говенс го предводеше ТФТ со 22 поена.


