Екипата на Тиквеш ја продолжи победничката серија во 2025 година откако вечерва на домашен терен го совлада Кожув со 84-80.
Мечот го одбележаа големите пресврти имајќи предвид дека гостите ја добија првата четвртина со 24-13 што беше и нивна највисока предност на овој натпревар, Тиквеш блесна во вториот период во кој направи целосен пресврт и на голем одмор замина со 41-35 за по слично сценарио да се одвива и второто полувреме.
На средината од третата четвртина Тиквеш ги достигна своите највисоки +11 (54-43) за потоа да следува серија од 13-0 и нова предност на Кожув. По голема борба во последниот период, одлучувачки беа петте поени по ред на Тиквеш, постигнати од Пантелиќ и Глигоријевиќ на две минути пред крајот по што домаќините отидоа на недостижни 81-73.
Пантелиќ со 21 поен и 10 скока беше прв играч на Тиквеш, додека Пилепиќ повторно го предводеше Кожув, сега со 29 поени.


