Актуелниот вицешампион Пелистер ја оствари првата победа во новата година откако вечерва на домашен терен го совлада Гостивар со 89-78.
Тоа значеше и триумфално деби за новиот тренер на тимот Ненад Трајковиќ кој беше промовиран во четвртокот. До победата, битолчани стигнаа многу потешко од очекувањата и откако надополнија негатива од 18 поени која ја имаа во првото полувреме (29-47).
Пелистер потоа одигра одличен трет период во кој на противникот му дозволија само седум поени, па по 30 минути игра веќе го сврте резултатот во своја корист (67-62). Тројките на Стајиќ и на Лука Стојановски го донесоа првото двоцифрено водство на домашниот состав (80-68), по што предноста беше рутински одржувана до самиот крај за конечните 89-78.
Aндрија Бојиќ со 26 поени и 11 скока беше прво име во тимот на Пелистер, а Антоан заврши со 17 поени и четири асистенции. Елис со 18 поени го предводеше Гостивар кој по овој пораз падна на десеттата позиција на табелата.


