Денеска почнува втората фаза од женската Прва кошаркарска лига на Македонија, а во неа еден од главните фаворити за титулата ќе биде Крива Паланка.
Екипата од истокот го заврши првиот дел со максимален ефект 6/0, а во меѓувреме донесе две големи засилувања со кои ќе се обиде да дојде до првиот трофеј во својата историја. Тимот на младиот и перспективен стручњак Виктор Петровски е засилен со репрезентативката на Бахами, Валисија Демерит која игра на позицијата крилен центар, како и долгогодишната репрезентативка на Македонија, Симона Деловска. Двете треба да му се приклучат на фантастичното трио Михаела Алексовска-Дијани Робинсон-Одри Мекхлејни кое доминираше во првиот дел од првенството и Крива Паланка ќе има исклучително силна стартна петорка во продолжение, па реално е да се бори за двојната круна во домашната кошарка.
Во втората полусезона, Петровски ќе може да смета и на повратникот Тамара Ѓоргиевска која долго време беше капитен на Крива Паланка.


