Бранителот на титулата во македонското кошаркарско првенство МЗТ Скопје влезе во одлична форма и веќе два месеца не знае за пораз.
Денеска аеродромци на домашен терен го совладаа Чаир со 86-74 и му се одмаздија за поразот во првиот дел од сезоната. Триумфот можеше да биде и поубедлив бидејќи МЗТ Скопје водеше и со 28 поени разлика, но во финишот домаќините го намалија темпото, во игра влегоа помладите играчи и Чаир го искористи тоа за да се избори за пристоен пораз.
Дека нема да има дилеми околу победникот, јасно беше уште во првото полувреме кое МЗТ го доби со 52-31, полувреме во кое тимот на Васко Атанасов играше одлично на двата краја од теренот. До израз дојде подолгата клупа имајќи предвид дека Чаир го одигра натпреварот со само седуммина кошаркари, а кај МЗТ во игра влегоа сите 12.
Магдевски со 14 поени го предводеше победничкиот тим, Војдан Стојановски додаде 12, а Копривица 10. Кели со 19 поени и 12 скока го предводеше Чаир кој го доживеа третиот пораз по ред и седми во последните осум натпревари.


