Поранешниот вицешампион Кожув оствари убедлива победа во дербито на 16. коло од Првата македонска кошаркарска лига, совладувајќи го Пелистер со 91-73.
Гевгеличани со тоа скокнаа на третата позиција на табелата со идентичен биланс како Работнички, МКК Куманово и денешниот ривал и до крајот на сезоната ќе се обидат да останат во конкуренција за топ-4 што ќе им донесе предност на домашен терен до финалето.
Кожув вечерва одигра перфектен натпревар во кој го диктираше темпото од почетокот до крајот. Пелистер се држеше во воведните минути во кои и водеше со 10-6, но се понатаму помина во знакот на домашниот тим. До крајот на првата четвртина, Кожув поведе со 28-23, во 13. минута имаше 37-25, а на полувреме замина со големи 52-35. На три минути пред крајот на мечот, домаќините ја достигнаа највисоката предност (88-60) по што дојде до мало опуштање кое Пелистер го искористи за да го ублажи поразот.
Стевановиќ одигра извонреден натпревар, постигна 31 поен и индекс 32, а се истакнаа уште Вилсон со 16 и Пилепиќ и Колев со по 13 поени. Мишковиќ со 19 поени и 11 скока ја предводеше гостинската екипа.


