Од пред шест години, Кошаркарската федерација на Македонија ја има придавката „Северна“ во своето име, поради што првиот човек, Перо Антиќ, беше и се уште е на удар на јавноста.
Претходните години се водеше жестока дебата дали името на Федерацијата го сменил тој или неговиот претходник Петар Наумоски. Името беше сменето на Изборното собрание во мај 2019 година, промената ја предложи тогашниот претседател Наумоски, но со сесрдна помош од членови на актуелното раководство на Федерацијата, тогаш во улога на делегати.

Точката шест од предложениот дневен ред предвидувала промена на името на Федерацијата согласно Уставот на РМ. Таа точка беше едногласно прифатена со гласови од сите 27 присутни на Собранието. А меѓу тие што кренале рака за промена на името бил и Антиќ, кој учествувал на овој собир како претставник на прволигашот Гостивар. Од попознатите за кошаркарската јавност меѓу тие што гласале за додавање Северна во името на КФМ е актуелниот генерален секретар, Владимир Георгиевски, кој тогаш ја претставувал Асоцијацијата 3Х3.
Подоцна на истото Собрание, Антиќ беше изгласан за претседател на КФМ со 27 гласа и до денес е прв човек на Федерацијата.


