Екипата на Феникс приреди уште едно големо изненадување откако попладнево го совлада актуелниот вицешампион Пелистер со 85-77.
Тоа е четврта победа по ред за тимот од Гази Баба и шеста во последните седум кола по што се оддалечи од своите ривали и дури најави борба за за повисок место во плејоф зоната. Во рамките на последните добри резултати, Феникс ги победи Работнички и ТФТ, па Пелистер е само уште еден во низата големи скалпови кои ги освои оваа сезона.
И покрај тоа што Пелистер денеска ја имаше фаворитската улога, Феникс речиси цел натпревар се наоѓаше во водство. Битолчани имаа предност само на почетокот, со 2-0 и потоа уште во два наврата со еден поен разлика. Во меѓувреме домаќините го диктираа темпото, знаеја да избегаат на +5, но Пелистер брзо ја стигаше негативата. Еден од клучните период се случи во финишот од третиот период кога Феникс направи серија од 8-0 и поведе со 68-60. На нешто помалку од четири минути пред крајот Пелистер се доближи на 75-76, но со шест поени во низа, скопскиот тим ја запечати победата.
Бертранд со 33 поени и 8 скока беше најдобар поединец на натапреварот и го предводеше Феникс до денешната победа. Бојиќ со 19 поени беше најефикасен кај Пелистер, а се истакна и Лука Стојановски со пет тројки, сепак недоволни за триумф во Скопје.


