Дебитантот во елитната конкуренција МКК Куманово го забележа највисокиот пласман во Првата лига по денешниот триумф против Кожув на домашен терен.
Кумановци славеа убедлива победа со 99-69 што е нивен трет триумф во последните четири кола по што застанаа веднаш зад МЗТ Скопје и ТФТ. Освен тоа, на одличен начин го најавија дуелот против истиот ривал во четвртфиналето од Купот на Македонија, но во Гевгелија в четврток.
Иако требаше да биде дерби, натпреварот не понуди никаква драматика бидејќи МКК Куманово доминираше безмалку во сите 40 минути. Кожув беше конкурентен во почетната фаза кога водеше и со 10-6, но по серијата од 9-0, МКК Куманово ги зеде работите во свои раце и до крајот на мечот не дозволи да има никаква дилема околу победникот.
Петмина кошаркари на МКК Куманово имаа двоцифрен ефект, најефикасен беше Луковиќ со 19 поени, а Радукиќ беше блиску до трипл дабл со 15 поени, 9 асистенции и 8 скока. Стевановиќ со 14 поени го предводеше тимот на Кожув кој во Купот на Македонија ќе има шанса за поправен.


