Една од најквалитетните македонски кошаркарки во историјата Нена Трајчевска вечерва става крај на својата репрезентативна кариера.
Нејзин последен меч ќе биде дуелот против Украина во Рига, во последното коло од квалификациите за Европското првенство. Македонија нема шанси за пласман на континенталниот шампионат, па јасно е дека во летонската престолнина, Трајчевска ќе се збогува со најдрагиот дрес.
„По 15 години активно играње во сите репрезентативни категории, си одам со многу незаборавни поминати предизвици и препреки, но и апсoлутно со едни од најубавите спомени со девојките со кои сме израснале заедно, како кошаркарки и уште поважно како девојки и жени. На сите соиграчи, тренери и работници кои биле дел од мојата репрезентативна кариера, би сакала да им се заблагодарам од дното на моето срце. Играњето за овој дрес за мене отсекогаш претставувало најголемо достигнување и успех и така ќе остане засекогаш. Честа и гордоста што сум ги носела на теренот како Македонка се секогаш главните емоции кои ме воделе и се надевам дека истото го пренесов на младите девојки, да ја преземат лидерската улога и да почнат да освојуваат многу поголеми врвови од тоа што оваа наша генерација има направено. Јас со целото мое срце верувам дека тоа е возможно се додека им се дадат правите и основни услови на овие девојки да се развиваат и да се натпреваруваат на ова ниво! Секогаш ќе ја имаат мојата поддршка, без разлика што како играч нема да сум до нив на теренот“, изјави Трајчевска за интернет страницата на Кошаркарската федерација.
Во репрезентативна пензија, таа заминува на 30-годишна возраст и како член на шпанскиот клуб Понтеведра. Дуелот меѓу Украина и Македонија се игра вечерва од 19 часот.


