Екипата на Маџари излезе како победник од големото дерби на 14. коло од Втората македонска кошаркарска лига.
Тимот од Гази Баба славеше против Ангели како гостин со 95-84 и се проби на втората позиција на табелата со ист биланс (11/3) како својот вчерашен противник. Во првиот меѓусебен дуел на овие две екипи, одигран во октомври, славеа Ангели како гости со 83-81. Во „пролетниот“ дел од сезоната, Маџари е како казнена експедиција, победи на сите три меча досега и тоа со двоцифрена разлика.
Најефикасен на вчерашниот натпревар беше поранешниот репрезентативец на Македонија, Ивица Димчевски со 36 поени, Љубиша Димитровски додаде 20, Митков 14, а Нацевски 13.
По поразот на Ангели, на првото место на табелате се издвои екипата на Соколи која има биланс 12/2. Штипјани во ова коло го победија Борец на домашен терен со 93-84 и сега имаат еден бод повеќе од Маџари и Ангели. Зад нив се Борец и Црн Дрим со 9/5, а во топ-8 се уште МЗТ Скопје УБ, Бутел и Охрид.


