Во следните три дена Гевгелија ќе биде центар на македонската кошарка бидејќи по пауза од шест години, таму ќе се одржи завршниот турнир од Купот на Македонија „Благоја Георгиевски Буштур“.
Ко-организатори на натпреварувањето ќе бидат Општина Гевгелија и Кошаркарскиот клуб Кожув, а во нивно име, на денешната прес-конференција се обрати претседателот на клубот Александар Димитровски, поранешен репрезентативец на Македонија.
„Сакам да им посакам едно големо добредојде на сите во Гевгелија, во градот за кој велат дека има најмногу сончеви денови во нашата Македонија. Во улога на домаќин, како организатори на еден ваков голем, убав настан, да ви посакам успешни игри на сите кои дојдовте тука, веројатно со една цел, да го освоите трофејот наменет за најдобриот во ова клупско натпреваруавње.
Една од тие желби е и нашата, на Кожув. Мислам дека, а и досегашниот тек на настаните во шампионатот го потврдува тоа, овие три дена во Гевгелија ќе бидеме сведоци на доста неизвесни натпревари, како во машка, така и во женска конкуренција. Ние, со поддршка на Општината Гевгелија и градоначалникот Андон Сарамандов, ќе се потрудиме да бидеме добри домаќини, но во исто време, и ќе се обидеме да го оствариме најголемиот успех од постоењето на Кошаркарскиот клуб Кожув и не би имал ништо против тоа, овој трофеј да остане тука и во наредните 365 дена!“, рече Димитровски.
Последен пат, Гевгелија беше домаќин на Купот во 2019 година, но тогаш во улога на организатор се јави Блокотехна, клуб кој повеќе не постои.


