Првпат откако ја напушти тренерската позиција во Работнички, во 2019 година, Марин Докузовски ќе учествува на завршницата од Купот на Македонија.
Во 2021 година му беше стручен консултант на Димитар Мираковски кога тимот од Градски парк дојде до финалето и загуби од МЗТ Скопје, а сега како шеф на стручниот штаб на МКК Куманово ќе се обиде да запише историја и на дебитантот во елитната конкуренција да му го донесе првиот трофеј во кратката историја. Завршниот турнир годинава се игра во Гевгелија, градот каде што пред шест години Докузовски го освои последниот трофеј во македонската кошарка и воедно последен засега на Кошаркарскиот клуб Работнички.

По заминувањето од Градски парк, популарниот „Доктор“ кратко работеше во Косово и освои титула во косовско-албанската лига, а од минатата сезона повторно е во Македонија, во тимот на МКК Куманово. Докузовски има шанса со евентуален трофеј да го стигне рекордерот по бројот на титули во Купот, Александар Књазев кој има пет пехари, а сите успеси во ова натпреварување ги оствари во периодот од 1993 до 1999 година, со екипите на Работнички, Кочани и МЗТ Скппје.
МКК Куманово ќе има исклучително тешка задача бидејќи во четвртфиналето ќе се сретне со амбициозниот домаќин Кожув, а ако ја помине таа пречка, ќе игра со подобриот од мечот меѓу ТФТ и Гостивар.


