Искусниот српски стручњак Ненад Трајковиќ ќе биде единствен странец тренер на завршниот турнир од Купот на Македонија кој од утре до сабота ќе се одржи во Гевгелија.
Од неодамна, тој е на клупата на Пелистер, тим кој лани стигна до финалето и таму несреќно загуби од МЗТ Скопје, па годинава со нов тренер ќе се обиде да го направи финалниот чекор и да дојде до пехарот. Трајковиќ е мошне искусен и добро знае дека треба да се почитува секој ривал, а прв за Пелистер е тимот на Чаир со кого се среќава утре од 15:30 часот.
„Одиме натпревар по натпревар, целосно сме фокусирани на дуелот со Чаир. Можам да кажам дека сериозно се подготвуваме за тој дуел, прво да покажеме многу подобра игра од прикажаното на последниот дуел со Феникс. Јас генерално сум задоволен од тоа како одигравме на тој меч, секако имаше и работи што не ми се допаднаа и кои на крајот пресудија да го загубиме тој дуел. Овие денови ќе работиме на отстранување на тие грешки и верувам дека ако одиграме како што знаеме ќе успееме да стигнеме до посакуваниот резултат против Чаир. Тогаш би оделе на победникот од дуелот МЗТ – Работнички и на тој меч би требале да го покажеме правецот во кој се движиме како екипа“, истакнува стратегот на Пелистер, Ненад Трајковиќ.
Турнирот во Гевгелија е нова шанса за битолскиот клуб да дојде до првиот трофеј во својата историја откако претходните три сезони одигра четири финалиња и еден меч од Суперкупот и во сите загуби од МЗТ Скопје.


