Екипата на Гостивар го совладаа ТФТ со 72-62 и го направи првото изненадување во завршницата на Купот на Македонија.
Првата четвртина ја одбележа борбена игра од двете екипи, по што ТФТ стигна до водство од 18-17 по 10 минути игра, а возбудувањата продолжија до крајот на првото полувреме, кое му припадна на скопскиот тим со 33-32. ТФТ лошо го почна второто полувреме и постигна само 10 поени во третата четвртина, што му овозможи на Гостивар да поведе со осум поени предност (51-43).
Гостиварци успешно го чуваа водството во последните 10 минути, иако ТФТ се приближи на три поени негатива (59-62), меѓутоа на крајот загуби со 72-62. Грушановиќ и Комагум беа најефикасни во победничкиот тим со по 15 поени, додека Говенс запиша 19 поени за ТФТ Скопје.
ТФТ беше лидер по првиот дел од сезоната во Првата лига и го имаше статусот прв носител, но и покрај тоа рано се збогува од Купот.


