Работнички доживеа дебакл и еден од најтешките порази во својата историја кога станува збор за натпреварите од Купот на Македонија, а да биде болката кај навивачите на овој клуб поголема, тоа се случи во дуел со најголемиот ривал МЗТ Скопје.
„Центарци“ загубија со дури 34 поени разлика што очекувано предизвика голем револт кај тренерот Горан Самарџиев. Кавадарчанецот и во текот на натпреварот неколку пати ги искара своите кошаркари затоа што играат без душа и храброст, а во изјавата по мечот призна дека се срами од она што се случуваше во Гевгелија.
„Во Гевгелија дојдовме како туристи. Јас ја преземам одговорноста, веројатно не ја тренирам и подготвувам екипата како што треба бидејќи кај кошаркарите немаше жар и желба за победа на овој меч. Точно е дека ние имаме интерни проблеми во клубот, но тоа не е изговор за недостаток на мотивација против МЗТ Скопје на кого му посакувам се најдобро.
Во една прилика реков дека дојдовме да го освоиме Купот, но излезе дека тоа е една празна флоскула. Големо е разочарувањето прво кај мене како тренер, ми е срам од овој натпревар. МЗТ Скопје денеска не не надигра, МЗТ Скопје ни одржа лекција“, разочарано изјави Самарџиев.
По денешниот натпревар, јасно е дека Работнички ќе остане на 10 трофеи во Купот на Македонија, додека МЗТ Скопје го почна походот кон својот 13. пехар.


