Екипата на Баскет Кам ќе го брани трофејот од Купот на Македонија во женска конкуренција, а првпат во историјата, противник во финалето ќе му биде Вардар.
Тимот од Македонска Каменица и претходните четири сезони беше финалист во Купот и освои три титули, но два пати во мечот за титулата играше за Бадел, а два пати со МЗТ Скопје. Во утрешното финале ќе има нов ривал, исто така троен освојувач на Купот на Македонија, Вардар.
Во денешните полуфинални дуели, Вардар беше подобар од Крива Паланка со 78-72, а Баскет Кам го совлада Бадел со 61-58.
Вардар беше аутсајдер во дуелот со лидерот на табелата, не играше и една од најважните кошаркарки Кејтлин Матје, но и покрај тоа „црвено-црните“ успеаја да ја поминат првата пречка. Зафировска со 19 поени беше најефикасна кај Вардар, Алексиќ постигна 15, а двоцифрени беа уште Селцова, Тасевска и Начевска. Кај Крива Паланка се истакна Мекелхени која имаше фантастичен ефект со 33 поени и 20 скока и индекс 44, но сето тоа го уништи Робинсон која и покрај дабл даблот со 14 поени и 10 скока, имаше индекс -5 поради очајниот шут од игра: 5/35 од поле, вклучувајќи 0/17 за тројка.
Баскет Кам доби само една четвртина против Бадел, но и таа беше доволна за победа. Третиот период му припадна на шампионот со 25-11 и со тоа го сврте резултатот во своја корист, а потоа и рутински да го приведе мечот кон крајот. Кметовска беше најдобар со 18 поени и 14 скока, дабл дабл имаше и Димова со 14 поени и 10 скока, а на Бадел не му беше доволна ни фантастичната Николов која постигна 33 поени.


