Пелистер не успеа да го повтори ланскиот успех и да се пласира во Купот на Македонија откако вечерва доживеа убедлив пораз од МЗТ Скопје.
Последниот месец битолскиот тим доживеа многу промени, меѓу нив беше и доаѓањето на новиот тренер Ненад Трајковиќ кој призна дека не успеал доволно да го подготви Пелистер за најсилниот колектив во Македонија во моментов.
„Пресудно е тоа што ние донесовме засилување пред два дена и тој не успеа да се вклопи во тимот. МЗТ Скопје препозна дека тој не се знае добро со играчите, тие одговори со удвојување и ние не можевме да се снајдеме. Според мене, ваков натпревар се подготвува повеќе денови, а не само 24 часа бидејќи немав време да ја подготвам екипата за сите акции на МЗТ Скопје. Се надевам дека ќе бидеме многу подобри кога ќе играме со овој ривал во првенството“, рече Трајковиќ по полуфиналниот дуел.


