Екипата на Кожув без поголеми проблеми ја мина и втората пречка во Купот на Македонија и утре ќе се обиде да ја прекине доминацијата на МЗТ Скопје во ова натпреварување.
Вечерва гевгеличани го совладаа Гостивар со 91-72 и вторпат во историјата ќе играат во мечот за трофејот од Купот, првпат по 2015 година кога загубија од Гостивар. Со двете убедливи победи на овој турнир, синоќа против МКК Куманово и вечерва против Гостивар, Кожув покажа дека не е без шанси и покрај фаворитската улога на МЗТ Скопје.
Победникот на денешниот натпревар беше одлучен во втората четвртина која Кожув ја доби со 27-6 и на голем одмор замина со предност од дури 24 разлика. Поради тоа, второто полувреме помина во полесен ритам, а најмногу што успеаја да направат гостиварци е да намалат на 14 разлика кон средината на последниот период.
Андрија Стевановиќ повторно беше лидер на Кожув и постигна 34 поена, со 7 скока. Митевски со по 15 поени го предводеше Гостивар кој ги надмина очекувањата со самиот пласман во полуфиналето бидејќи на турнирот влезе како осми носител.


