Екипата на МЗТ Скопје има шанса вторпат во својата историја да „врзе“ три триумфа во Купот на Македонија, односно да направи своевиден хет-трик во ова натпреварување.
Првиот пат тоа му успеа во периодот од 2012 до 2014 година кога во финалните дуели ги совлада Фени Индустри, Куманово и Лирија, а подоцна не дојде до шанса да го повтори овој подвиг затоа што до 2022 година излегуваше како поразен секоја втора сезона. Во два наврата, МЗТ Скопје имаше по две титули во низа во Купот, во 1996 и 1997 и потоа во 1999 и 2000 година, а во таква серија е и во моментов бидејќи славеше во 2023 и 2024.
Рекордот за најмногу титули во низа во Купот на Македонија го држи Работнички кој доминираше во ова натпреварување во периодот од 2003 и 2006 година, освојувајќи четири по ред. Сепак, Работнички од 2022 година му гледа во грбот на МЗТ Скопје и во моментов заостанува два трофеја зад својот „вечен“ ривал.
МЗТ Скопје е и рекордер по бројот на настапи во финалните натпревари од Купот со вкупно 18, два повеќе од Работнички кој последен пат во мечот за пехарот учествуваше во 2021 година.


